Еколошката „бомба“ кај Пробиштип конечно ќе се санира
Јаловиштето од рудникот „Злетово“ кај Пробиштип со децении важи за еден од најсериозните еколошки проблеми во источниот дел на Македонија. Станува збор за стара хидројаловишна депонија во која се наталожени милиони кубни метри отпад од преработката на оловно-цинкова руда, што содржи тешки метали и фини честички прашина. Поради тоа, јаловиштето често се нарекува „еколошка бомба“ за регионот. Општина Пробиштип изработи проект за санација на јаловиштето, кој предвидува негово запечатување, стабилизација на површината и еколошко обезбедување за да се спречи ширење на прашина и контаминација.
- За почеток ќе започнеме со одводнување на старото јаловиште, понатаму ќе продолжиме со дел насипување, дел со поставување на геосинтестка глина или мембрана која нема да дозволи водата повтроно да влегува во него и ќе продолжиме со рекултивација, односно, посипување на хумус и на косините и на рамниот дел на јаловиштето, изјави Тони Тоневски, градоначалник на Пробиштип.
Изминатите неколку години беа иницирани неколку концепти за решавање на овој проблем, од класична еколошка рекултивација, повторна преработка на јаловината и екстракција на корисни концентрати со нови технологии, до санација и нова намена на просторот.
- Имаше еден проект, односно иницијатива за измена на планската документација за поставување на фотоволтаици. Јас како градоначалник лично не се согласувам со тоа, бидејќи се работи за непосредна близина на градското подрачје, ние имаме многу локации каде може да поставиме фотоволтаици, меѓутоа за тоа ќе ги прашаме граѓаните, додаде Тоневски
Санацијата на јаловиштето кај Пробиштип се смета за еден од клучните еколошки проекти за регионот, бидејќи не станува збор само за отстранување на стар индустриски проблем, туку и за намалување на ризикот по воздухот, почвата и водните ресурси, како и за создавање можност деградираната површина да добие нова, одржлива намена.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
