Македонија
29. јуни 2022 - 16:32

Експертите скептични околу можноста за 24 часа да има договор

Експертската јавност не верува  дека е можно лревање на ветото во  финишот на француското претседавање.  Тоа би било рамно на чудо, вели Кацарска од ЕПИ.  На први јули  кормилото на Унијата го презема  Чешка, но во нејзините топ  приоритети не е западен Балкан, туку Украина.

– Мене ми е многу тешко да видам дека за еден ден ќе може да направиме клучен пробив во однос на она што го нарековте „пеглање“ на разликите поради документите коишто беа усвоени во бугарското Собрание и нашите црвени линии. Очекувам дека чешкото претседателство ќе го преземе ова доколку не видиме некое чудо до утре, меѓутоа веројатно со смален интензитет од она што работеше француското претседателство. Кај Чешка мислам дека примарниот фокус е Украина, како што знаеме, веројатно и Самитот којшто требаше да биде за Западниот Балкан од она што се последни најави е дека истиот ќе биде за Украина, изјави Кацарска.

Од невладината посочуваат дека  во следниот приод Македонија  мора активно  да лобира кај земјите од Унијата кои не поддржуваат. Вакава поддршка последниве два дена дојде од евроспките парламентарци кои како дел од мешовитиот комитет, заедно со македонските колеги донесоа препораки кои ке бидат упатени до ЕУ и до македонската влада. Во нив се бара од Унијата започнување на пристапните преговори со усвојување на Рамката за преговори во духот на европските вредности и критериуми и одржување на првата Меѓувладина конференција што е можно поскоро. Се нотира и ставот на македонската влада за прифаќање на преговарачка рамка со чиста формулација за македонскиот јазик, заштита на македонскиот идентитет, третман на историските прашања надвор од рамката и почеток на преговорите пред отпочнување на постапката за измена на Уставот.