Македонија
29. September 2017 - 13:55

„Електра“ на МНТ ќе учествува на 57. МЕСС

Македонскиот народен театар со претставата „Електра“ во режија на Андриј Жолдак ќе учествува на 57. Интернационален театарски фестивал МЕСС-Сараево, кој ќе се одржува од утре до 8 октомври.

- Со ова гостување на МНТ, на МЕСС повторно се враќа украинскиот режисер Жолдак, кого сараевската публика го памети по претставата „Животот со идиотот“. За селекцијата на ’Електра’ во соопштението од Фестивалот се вели дека таа е ’сурова и брутална и го поставува прашањето зошто човековата реакција на екстремните околности речиси секогаш е насилство и циклус на одмазда и зошто тоа од времето кога е напишана ’Електра‘ никогаш не се сменило?’“, соопштува МНТ кој „Електра“ ќе ја изведе на 2 октомври во Босанско народно позориште во Зеница во 20 часот.

Електра

Во ова фестивалско издание на МЕСС ќе учествуваат 13 земји (Белгија, Полска, Италија, Аргентина, Македонија, Босна и Херцеговина, Шпанија, Хрватска, Србија, Франција, Бугарија, Швајцарија и Црна Гора) со 22 претстави, различни по содржина, во театарските форми и тематски ― од танчарски театар, преку марионетски опери, до театар, предавања и перформанси.

Фестивалската програма ги опфаќа највпечатливите европски режисери во последните години, меѓу кои и Мило Рау, кој ќе гостува со претставата „5 Eacy Pieces“. Италијанската трупа МОТУС, која првпат гостува на МЕСС со претставата „MDLSX“, во режија на Даниела Николо и Енрико Касагранде, „Слободата е најскапиот капиталистички збор“, претстава во продукција на БИТЕФ во изведба на Камерен театар 55 од Србија, претставата „Непожелна“ од Франција во режија на Дороте Мунанеза, кореографка и авторка од Руанда. трупата „Вокс Попули“ од Бугарија ќе настапи со претставата „Мир во вас“ во режија на Неда Соколовска. Полска ќе се претстави со претставата „Еден гест“ на Нови Театар во режија на Војтек Зимилски. Аргентинската кореографка Марина Отеро на публиката ќе ѝ се претстави со перформансот „Сеќавајќи се 30 години за да се живее 65 минути“.

- Интернационалниот театарски фестивал МЕСС уште од своите иноваторски почетоци бил подготвен со сите досегашни раководства низ својата историја, дури и во невозможните околности во Босна, да создаде културно засолниште за сите генерации, ризикувајќи и вложувајќи во најхрабрите и најинтересни уметнички проекти. Тоа е причината што МЕСС е еден од водечките фестивали на овој дел од Европа, наведува МНТ во известувањето.