Бизнис
12. September 2024 - 16:28

Есенската кошница ќе содржи пекарски и млечни производи, ориз, грав, месо, овошје и зеленчук

Пекарските и млечни производи, оризот, гравот, некои видови месо, овошјето и зеленчукот се дел од 100-тина продукти кои ќе влезат во есенската потрошувачка кошница. Работната група на Министерството за економија до утре ќе го комплетира списокот и на следната владина седница ќе се донесе одлуката. Во моментов се прават симулации дали на овие производи ќе им се ограничи цената или пак маржата.

- Ќе се направат пресметки со намалување на маржите на 5, 10 или 15 проценти на трговија на мало или замрзнување на цените на одредено ниво. Симулацијата треба да даде информација кое ќе биде најповолното решение за крајните цени за потрошувачите и какви ќе бидат фискалните импликации од оваа мерка, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија. 

Министерот Дурмиши вели дека Законот за нефер трговски практики дефинитвно стапува на сила. Трговците имале доволно време од 6 месеци да се усогласат. Со него се очекува поевтинување на 2,600 производи, чии цени ќе се намалат за 15 до 20 отсто.

За разлика од министерот, вчера премиерот Мицксоки изјави дека ако Стопанските комори официјално побараат одлагање на законот за неколку недели, ќе им се излезе во пресрет.