Македонија
21. October 2020 - 19:58

Европски „Политико“ – Бугарија ќе каже „НЕ“ за меѓувладина конференција

Чекор назад за Македонија - Бугарија нема да дозволи старт на пристапните преговори, пишува реномираниот европски портал Политико. Според медиумот, бугарската влада испратила циркуларно писмо до земјите членки на ЕУ, во кое се објаснуваат позицијата на официјална Софија.

Антибугарска идеологија е која е поддржана од власта е главната причина за резервираноста на Бугарија, пишува Политико.

Во бугарскиот документ, поконкретно, се наведува дека македонските власти не сториле доволно за подобрување на меѓусоседските односи и спречувањето на говор на омраза кон соседот.

Преговарачката рамка денеска по прв пат се најде пред ЕУ амбасадорите во Брисел. На двочасовната дискусија најмногу зборувал бугарскиот амбасадор, кој нагласил дека Софија го оспорува скратената верзија на името на земјава, како и ословувањето на јазикот како македонски.

Според извори на МИА од Брисел, Бугарија е осамена во позицијата да ја блокира Македонија, но како што велат, правото на вето во Унијата е засега неприкосновено и Бугарија, доколку одлучи може да го блокира усвојувањето на рамката.

Земјите членки се обврзани да поддржат пристапни преговори со Македонија, бидејќи веќе еднаш дадоа зелено светло, вели германската амбасадорка, чија земја моментално претседава со Унијата. Оптимизмот не го напушта ниту шефот на ЕУ делегацијата во Македонија.

Краен рок за усвојување на преговарачката рамка за Македонија е 10-ти ноември, односно Советот на општи работи.

До тогаш, се чини последна шанса за расчистување на проблемот ќе биде средбата Заев – Борисов, која треба да биде одржана на почетокот од идниот месец, а се очекува и интензивна дипломатска активност пред се од германската и австриската влада, кои ќе се обидат да помогнат изнаоѓањето заеднички прифатливо решение.