Европски земји понудиле помош за подолготрајна рехабилитација на потешко повредените
Потешко повредени од пожарот во Кочани на кои ќе им треба подолготрајна рехабилитација ќе одат во европски земји кои веќе се понудиле за помош на Министерството за здравство. Колку од нив ќе имаат потреба за ваков третман здравствените власти ќе знаат по завршување на лекувањето.
Од здравствените установи во земјата денес 12 пациенти заминуваат дома а 27 остануваат под болнички надзор. Ндвор од државата на лекување се 115 пациенти и еден од нив кој е во болница во Белград денеска ќе биде вратен на скопските клиники за тријажа. Неколкумина се уште се во критична состојба.
-За жал, четири-пет пациенти се во посериозна состојба, некаде има и влошување, меѓутоа нашите колеги во болниците каде овие пациенти се лекуваат се обидуваат да дадат максимум од себе за да го поминат овој тежок период, вели Арбен Таравари, министер за здравство.
Денеска тим од пластични хирурзи е во Кочани за да им овозможат преглед и контрола на веќе пуштените на домашно лекување, за да не доаѓаат во Скопје. А дека е потребна сериозна дебата за постоење на Центар за изгореници, согласен е и министерот за здравство.
-Треба сериозно да размислуваме за Центар за изгореници. Не дај Боже да се повтори нешто вакво, и да имаме центар, ќе можеме да примиме 3-4 пациенти – тоа треба да се разбере , вели Таравари.
За период од две недели здравствените власти очекуваат половина од пациентите кои се на лекување во странски центри да се вратат во земјата.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар