Свет
14. April 2021 - 10:13

Европските пари ќе се наменат за здравството во Чешка, а не за спортската инфраструктура

По критиките од регионалните лидери, чешката Влада ја поништи одлуката за поддршка на локалните спортски клубови со пари од инструментот за итни случаи РЕАКТ-ЕУ.

Наместо тоа, најголемиот дел од парите ќе бидат наменети за здравствениот систем, објави Еурактив Чешка. Програмата РЕАКТ-ЕУ од 47,5 милијарди евра е создадена како дел од ЕУ пакетот за закрепнување од 750 милијарди евра.

Таа програма треба да биде „мост“ меѓу непотрошените пари за кохезија кои беа пренаменети во 2020 година во борбата против коронавирусот и долгорочните цели на Унијата за регионална политика.

Во документот одобрен во октомври, чешката Влада планираше да насочи 15 проценти од сумата или околу 165 милиони евра за нова спортска инфраструктура. Таквата одлука, сепак, предизвика критики од чешките регионални власти.

Неодамна донесената изменета и дополнета верзија на владините планови, во која имаа увид од Еурактив Чешка, покажа дека се земени предвид стравувањата на регионалните лидери.

Според новиот план, повеќе од 70 проценти од субвенциите ќе бидат насочени кон здравствениот систем, поради пандемијата.

Чешка моментно има највисока стапка на морталитет од Ковид-19 во ЕУ, со 2.606,97 смртни случаи на милион жители.