Бизнис
17. јуни 2021 - 16:44

Евтината тарифа ќе остане, уверува Регулаторна по серијата најави за поскапувања

Нема да се укине евтината тарифа на струјата, тврди Регулаторна. Вакво барање досега немаат доставено компаниите, но и ако достават – од РКЕ уверуваат дека нема да биде прифатено. Оттаму појаснуваат дека евтината тарифа е на некој начин субвенција за електрична енергија која граѓаните доста ја користат. Ова прашање беше ставено на маса уште минатата година, но по долги преговори барањето беше одбиено.

Дневниот и ноќниот интервал на евтина тарифа е форма на субвенција на електрична енергија по поевтина цена утврдена за сите домаќинства. Во време кога домаќинствата економски се консолидирани од последиците од Ковид-19, евтината тарифа се покажа како опција  која граѓаните максимално ја користат . РКЕ не отстапува и ќе ги заштити граѓаните оваа форма на субвенција да трае и во наредниот регулиран период, се вели во допсиот од РКЕ.

Во меѓувреме се крои и новата цена за електричната енергија. Појасна слика за тоа каква ќе биде корекцијата, ќе има следната недела кога РКЕ ќе соопшти што од барањата на Мепсо и Електродистрибуција ќе биде прифатени. Но новата цена најмногу зависи од цената на произведената струја која ЕСМ  во понеделник треба да ја достави на тендерот на ЕВН ХОУМ. Цената нема да се открие се до објавувањето на тендерот,  но од Владата уверуваат дека поскапување нема да има, а домаќинствата ќе добијат ново растеретување со намалувањето на ДДВ од 18 на 5 проценти.

Новата цена на струјата ќе важи од први август. Минатата година поскапи за 7, 4 проценти на барање на државните енергетски компании.