Македонија
14. May 2016 - 14:18

Фестивал на староградска песна во Струмица

Шест хорови и оркестри од повеќе градови од Македонија настапија на осмиот Фестивал на староградска песна и серенада „Под кулите на Струмица“. Организатор на манифестацијата е НУЦК „Антон Панов“ од Струмица.

- Во Струмица староградската песна се раѓа по Втората светска војна, со создавањето на првите групи и тајфи. Тематиката во овие песни секогаш е поврзана со љубовта, семејството, традицијата. Овие нумери се изведувале на седенки, игранки, по сокаците и на сите места каде што се собирале млади луѓе, изјави Елисавета Василева, проект-менаџер на Фестивалот и диригент на групата „Распеани струмичани“.

Василева објасни дека од музичките инструменти кои ја збогатуваат изведбата на староградскиот мелос застапени се гитарата, контрабасот, флејтата, хармониката, виолината, а од народните инструменти кавал, примче, кемане, во зависност од кој дел од државата е ансамблот. 

Публиката уживаше во концеротот на кој слушна дваесет рефрени, а специјален гостин беше струмичкиот интерпретатор Горан Кукиќ.