Македонија
7. May 2021 - 16:40

Филипче ги демантира обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата вели дека се однесува срамно и лицемерно

Министерот за здравство ја повика опозициската ВМРО ДПМНЕ на разговор за изградба на новиот Клинички Центар во Ѓорче Петров за да ги надминат разликите. За обвинувањата од најголемата опозициска партија дека власта има проект на 40-тина страни и не бил соодветен за најголемиот здравствен објект, Филипче вели дека имаат голема и издржана физибилити студија ревидирана во 2019 од страна на австриско владино тело за инфраструктура.

За предлогот на ВМРО-ДПМНЕ комплетно да се реновира сегашниот Клинички, според министерот немало да се добие соодветен комплекс, а на толку голем простор одговарала само локацијата во Ѓорче Петров. Опозицијата со голем број амандмани ги блокираше законските измени за нов Клинички со што треба да се овозможи германската и австриската компанија заеднички да го градат објектот, а независна европска компанија да направи проценка дали понудата на двете компании е прифатлива.

На пресот на Филипче реагираа од ВМРО ДПМНе.

-ВМРО-ДПМНЕ е за нов Клинички центар, но само со изготвен проект, а не со физибилити студија од 35 страни. Филипче треба да изработи проект, а потоа со истиот да бара пари, односно заем за реализација на вака сериозен капитален проект. Сега Филипче сака да се изгласа закон за заем од 503 милиони евра за проект кој е само во неговата глава, се вели во дел од реакцијата од ВМРО ДПМНЕ.

Од опозициската партија и денеска го обвинуваа министерот за здравство за криминал во набавката на кинеските вакцини, Филипче пак им врати дека се работи за клевети, а во постапката немало ништо тајно ниту сомнително. Се било јавно кажано, тврди тој.