Македонија
19. October 2020 - 14:02

Филипче: Работа на економските оператори до 23 часот, исполнетост на јавниот превоз до 50 отсто и редуцирана работа на администрацијата

Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека на Владата на утрешната седница ќе и предложи сите економски оператори да работат до 23 часот, јавен превоз да биде исполнет 50 отсто, во администрацијата, општините и судовите, секаде каде што тоа е можно, работниот процес да се одвива во смени или онлајн од дома или редуцирано по систем на ротации.

– Ова е последниот чекор пред воведување на полициски час, изјави Филипче презентирајќи ја двонеделната анализа за состојбата со Ковид-19.

Овие мерки ќе бидат дополнение на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, што веќе е доставен во Собранието. Со него се предвидуваше носење маска на отворено, ограничување на групирањето по 22 часот и ограничување на бројот на лица на семејни собири. Овие мерки би стапиле во сила до крајот на неделата.

Вирусот е многу проширен насекаде, рече Филипче, истакнувајќи дека значително се зголемува бројот на заболени, а болниците се исполнуваат.

Тој истакна дека се уште нема сместено пациенти во модуларната болница до Инфективната клиника, иако таа е целосно посготевна, кадарот е спремен, како и интернистите коишто доаѓаат по системот на ротација и медицинските сестри.
 
– Во болницата „8 Септември“ целокупниот персонал работи на оваа проблематика и интернисти и анестезиолози коишто работат заедно со инфектолозите. Веќе се исполнија инфективните  одделенија во Струмица, понатаму во Куманово, Штип, почнува да се ангажираат капацитетите во болницата во Кочани. Нема место во болницата во Прилеп и уште едно крило е отворено во болницата во Битола во целиот овој регион, а забрзано се пополнува и капацитетот на болницата во Гостивар, рече министерот.
 

Тој им порача на граѓаните дека ситуацијата е навистина сериозна, дека следен чекор би бил целосно ограничување на движењето односно полициски час.

– Да смогнеме сили сите, затоа што ова е начинот, истакна Филипче, посочувајќи дека бројот на заболени се зголемува и во регионот и насекаде во Европа.