Филипче: Власта намерно ја кочи реформската агенда
Реформската агенда е во целосен застој а роковите истекуваат, од 33 закони власта со собраниски трикови успеа да донесе само два. Лидерот на СДСМ обвини дека владата свесно ги кочи процесите за да ги избегне европските механизми за владеење на правото, а наместо строго контролираните европски грантови, нивната стратегија е земјава да се задолжува со нетранспарентни милионски кредити.
Овие критики доаѓаат во пресрет на утрешната посета на претседателот на Европскиот совет, од кого Филипче очекува јасна порака дека уставните измени се единствениот пат напред, повикувајќи ја власта да организира референдум доколку навистина сака да го слушне гласот на народот.
Од владејачката ВМРО ДПМНЕ возвратија дека Македонија нема да се помести ниту милиметар од своите позиции додека не добие јасни, цврсти и писмени гаранции од Европската Унија во форма на заклучоци. Од партијата додаваат дека граѓаните веќе платија прескапа цена поради погрешните политики на СДСМ предводени од Филипче и Заев со промената на уставното име.
Утрешната посета на претседателот на Европскиот совет доаѓа во период на длабоки внатрешно политички разидувања околу начинот и условите под кои земјава треба да ги продолжи евроинтеграциските процеси.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
