Македонија
23. October 2020 - 20:02

Филипче за Сител: Ќе се зголеми бројот на тестови и капацитетот за третман на Ковид-19

Сите интерни одделенија во болниците низ државата ќе станат ковид центри. Интернистите и останатиот медицински персонал ќе третираат тешко болни од корона кои имаат потреба од хоспитализација а во овој момент поради преполнетост не можат да бидат примени на инфективно во струмичката, прилепската, кочанската, охридската и други здравствени установи. Здравствените власти одлучија да ги мобилизираат сите медицински лица од јавното здравство во битката со корона вирусот и ова е одлучено на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести каде присуствувале и директори на болници. Министерот Филипче во изјава за Сител вели дека веќе од утре болничките капацитети ќе бидат зголемени двојно.

- Разговаравме за рационализација и оптимално искористување на целокупниот кадар. Со тоа значајно се зголемува бројот на кревети за два до три пати. Но не е тоа целта да се исполнат болничките капацитети, туку со мерките кои стапија на сила, законските измени кои треба да поминат наредната недела со задолжително носење на маска и ограничување на собирите ќе ја намали епидемијата кај нас, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Во Скопје се полнат капацитетите и во модуларната болница и следна за прием на болни од Ковид 19 е детската болница во Козле каде има 40 кревети за возрасни пациенти. Но освен што граѓани реагираат дека не можат да дојдат до место во болница, поголем проблем е што матичен не може на пациент да му закаже за корона тест бидејќи нема термини па сомнителни чекаат и по една недела за да дознаат дали се позитивни на вирусот или не. Филипче најави  од викендот зголемување на капацитетите за тестирање.

- Ќе ги зголемиме термините и бројот на тестови и ова ќе го решиме уште викендот, дадена е насока на сите лаборатории за време на празникот, викендот да има дополнителни термни и да нема намалување на бројот на тестирања, вели Филипче.

Освен до директорите, Комисијата за заразни болести на состанок ги повика денеска и главните медицински сестри. Ќе има ротација на сестри, техничари, болничари и хигиеничари кои ќе треба да бидат на испомош на Инфективната клиника и модуларната болница.