Loading Video...
Фудбал
28. May 2020 - 19:43

ФК Силекс: Менувањето на правилникот за натпревари во ек на сезона е незаконско

Промената на системот на натпреварување во Првата МФЛ подлежи на правни прописи и затоа секое негово менување е незаконско се вели во дописот на ФК Силекс до УО на ФФМ. 
 
 
Иако клубовите се поделени сепак ФФМ најави продолжение на првенството но со нов систем на натпревари кој вклучува плеј-оф и плеј-аут, без испаѓање што ги прекршува пропозициите за натпреварување и Статутот на ФФМ. 
Од тие причини ФК Силекс преку својот адвокат Никола Додевски ја извести јавноста дека единствен орган кој може да го смени правилникот за натпревари е Собранието на ФФМ. 
Прволигашот од Кратово ги предупредува членовите на УО дека секоја одлука за играње по нов систем на натпревари носи кривична одговорност бидејќи вонредната состојба поради пандемијата истекува на 30-ти мај а првенството би требало да продолжи на 14-ти јуни. 
Потсетуваме дека македонското фудбалско првенство во тековната сезона се играше по четирикружен систем по чие завршување две екипи се селат во понизок ранг на натпреварување а една игра бараж за опстанок.  За ФК Силекс и уште три прволигашки екипи најспорна е одлуката да се доигра шампионатот по нов систем со плеј-оф и плеј-аут без испаѓање што ќе ја наруши регуларноста на првенството. 
Кратовчани во неколкуте обраќања до јавноста го обвинија раководството на ФФМ дека работи во интерес на еден до два клуба.