Loading Video...
Македонија
28. February 2021 - 16:47

Георгиевски со скандалозен план во 5 точки за деблокада на односите со Бугарија

Порашениот македонски премиер Љупчо Георгиевски на Фејсбук понуди план за излез од ќорсокакот со Бугарија. Првата точка на акцискиот план кој се состои од пет ставки е да и се даде гаранција на бугарската страна дека не постојат аспирации кон Источна односно Пиринска Македонија и дека во поимот Северна Македонија не влегува Источна Македонија. Георгиевски предлага  промена на стратегијата за историјата и конечно решавање на проблемот со јазикот. Тој  ја повикува комисијата за историски прашања да објави дека Гоце Делчев  ако и Глигор Прличев се заеднички и од учебниците веднаш да се избришат сите наводи за кои бугарската страна смета дека се навредливи.  Експремиерот има решение и за јазикот.

„Македонската страна да признае дека целата македонска преродба се обидувала да создаде заеднички јазик со бугарскиот, но врз база на македонските дијалекти. Меѓутоа, бугарската интелигенција поради кратковидост кодифицирала јазик само врз база на северозападните дијалекти со што го отвориле патот на македонскиот јазичен сепаратизам, а на српските лингвисти дале основа дека и шопските говори во Бугарија се српски јазик. “, напиша Георгиевски на својата фб страница.

Предлогот на експремиерот предизвика бурни реакции од граѓаните на Фејсбук, но и од полтичарите и паритите. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека планот е обид идентитетско обезличување кој сака да го спроведе Заев.

- За ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо да се согласи владата дека македонскиот јазик бил всушност бил бугарски, дека тој бил јазикот на коресподенција на македонските револуционери. Неприфатливо е да се согласиме според тезата на Заев, пуштена преку Љубчо Георгиевски дека македонска нација е новосоздадена, рече Арсовски.

Од СДСМ пак велат дека се работи за лични ставови на Георгиевски со кои немаат допирна точка.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски предлогот на експремиерот го оцени како срамен и предавнички. Тој побара јавното обвинтелство да покрене случај  против Георгиевски за дело против државата и поткопување и уривање на уставниот поредок

Наспроти ваквото разногласие, сите партии во Бугарија се едногласни кога се работи за македонското прашање, вели вицепремиерот  Каракачнов. Тој му порача на Скопје дека нема да ја надитри Софија со трикови и обиди за притисоци однадвор.

Според Каракачанов  спорните прашања би можеле да се решат за половина година или за најмногу две години доколку, како што вели, македонската страна прифати чесен и нормален дијалог .