Македонија
7. May 2021 - 21:19

Германија ја симна рестрикцијата - АстраЗенека за сите полнолетни - Дали и Филипче ќе ја промени одлуката?

Вакцината на АстраЗенека се уште останува забранета во земјава за аплицирање на лица помлади од 60 години, иако вчера Германија ја тргна рестрикцијата и ја дозволи за сите возрасни групи. Министерот Филипче информира дека вакцините на АстраЗенека се искористени и во моментот ги нема на лагер. 

-Утрово читајќи ја таа вест разговаравме со националниот координатор за имунизација и со двајца други експерти коишто земаа обврска добро да анализираат и понатаму. Засега нема промена во ставот. Не се земаат предвид само искуствата од Германија, туку и од други земји. Тука е Канада, Франција, Италија... Ќе се анализираат и другите публикации и ставови, рече Филипче.

Засега единствена опција за ревакцина со АстраЗенека за околу 15 илјади македонски граѓани е повторно да одат главно во Белград и притоа да се изложат на трошоци и гужви какви што се случија во месец март. Сител се обиде да добие став од Здравство, дали доколку се смени одлуката за Астра Зенека, Министерството ќе ги побара тие количини од Србија и ќе ги вакцинира своите државјани дома. 

Српскиот министер Лончар претходно рече дека АстраЗенека може да му ја отстапи на македонското министерство, но ако не побара најмалку што може Србија да направи е да ги ревакцинира македонските државјани во своите здравствени установи.