Македонија
23. March 2023 - 16:33

Германската министерка за надворешни во Скопје со порака за Уставот

Поддршка за уставните промени и оптимизам дека до декември тоа ќе биде завршено за да може да се отворат кластерите. Ова е пораката на шефицата на германската дипломатија, која во Македонија пристигна со намера да ги убеди сите политички фактори да се обединат околу оваа цел. 

Министерката Бербок истакна дека е свесна дека Уставот тешко се менува и затоа мора да се седне заедно со опозицијата и да се дебатира. Таа го спомна примерот на Хрватска која како кандидат постигна внатрешен консензус за прашањата потребни за влез во ЕУ и се  заложи за слична надпартиска коалиција за Европа и во Македонија. 

Како главна причина за  тешките одлуки кои треба да ги донесат политичарите, Бербок ги наведе младите генерации кои поради европска бесперспективност бегаат во земјите на ЕУ.

За министерот Османи поддршката од Германија е доказ дека нема враќање назад за Македонија чија цел е полноправно членство во 2030. Тој предупреди дека ако сега го пропуштиме возот за ЕУ  ќе останеме изолирани, а уставните измени и натаму ќе си останат како услов. 

Германската министерка најави дека во декември повторно ќе ја посети Македонија и ќе седне на маса со сите политички чинители во земјава. Бербок освен со Османи е на средби со претседателот Пендаровски, премиерот Ковачевски и опозицијата.