Македонија
26. September 2020 - 14:23

Гимназијалците во Дебар најавуваат бојкот доколку не им се овозможи настава со физичко присуство

Учениците од гимназијата „28 Ноември“ во Дебар до управата на училиштето најавиле дека ќе го бојкотираат стартот на учебната година, доколку не им се овозможи настава со физичко присуство.

-Учениците дојдоа и го кажаа тоа. Рекоа дека не може да сфатат како на една образовна установа како оваа во која следат настава, која располага со сите услови барани од надлежните, не и се овозможува настава со физичко присуство. Ако на 1 октомври, наставата почне онлајн, тие најавија дека ќе ја бојкотираат, изјави за МИА директорот Рамадан Имери.

Во гимназијата во Дебар, заедно со подрачните паралелки во село Могорче, настава на македонски и албански наставен јазик следат 584 ученици, од нив 156 се во прва година.

Општина Дебар не доби согласност за организирање настава со физичко присуство на учениците во ниту едно училиште, чиј основач е Советот на општината, што подразбира три деветолетки и гимназијата.

Општината побарала тоа да се овозможи за „Пенестија“, најголемата деветолетка во градот и гимназијата, бидејќи во двете други деветолетки „Саит Најдени“ во градот и „Ристе Ристески“ во село Долно Косоврасти нема услови за тоа.

Градоначалникот Хекуран Дука најави одржување седница на Советот на општината на која ќе се донесе одлука за добивање согласност за настава со физичко присуство на учениците.