Македонија
23. јуни 2021 - 16:43

Грција му се налути на Заев за твитот за фудбалот - нема да ратификуваат протоколи од Преспанскиот договор

Грција го замрзнува ратификувањето на три меморандуми од Договорот од Преспа. Причина – објавата на премиерот Заев во врска со фудбалската репрезентација на Македонија, во која не е наведено уставното име на земјава.

Револтот во официјална Атина го предизвика статусот на Заев на Твитер, напишан пред натпреварот со Холандија.

„Денеска од стадионот во Амстердам давам силна поддршка на македонската фудбалска репрезентација”, објави Заев во понеделникот.

Ова беше причина за нова вознемиреност кај грчките власти, откако претходно реагираа поради употребата на кратенката ФФМ на дресовите на фудбалерите.

Како што пренесува грчки Катимерини, за владата во Атина ова е “двојна игра на соседите пред која не може да се замижи”, подвлекувајќи дека во изминатиов период имало неколку прекршувања на Договорот од Преспа.

„Бараме целосна имплементација на Договорот и неговиот дух. Го повикуваме Заев да се воздржи од реторика на поделби, особено во такво чувствително прашање какво што е фудбалот“, се пренесува во текстот ставот на грчката Влада и предупредувањето дo Заев дека Договорот мора да се почитува во сите контексти, вклучително и меѓународните спортски настани.

Премиерот, пак, вели дека неговата објава не треба да биде причина за блокирање на меморандумите, напоменувајќи дека тој е прв кога станува збор за спроведување на Договорот.

Инаку станува збор за три меморандуми за соработка меѓу Македонија и Грција кои во грчкиот парламент чекаат на ратификација речиси една година. Се однесуваат на заштитата на македонскиот воздушен простор од Грција, ЕУ поддршката и економската соработка.

Опозициската СИРИЗА обвинува дека тие не се носат поради противењето на владејачката Нова Демократија на преспанскиот Договор.