Loading Video...
Балкан
21. January 2021 - 16:42

Грција не отстапува од планот за ковид-пасоши

Грција се надева дека нивниот предлог за вакцинален документ со кој ќе може да се патува ќе биде прифатен од земјите на ЕУ. Реакциите во Унијата се одлични, истакна портпаролот на грчката Влада во пресрет на денешниот состанок на лидерите на ЕУ на кој ќе се расправа за вакцините и короната.

-Не говориме за пасош. Бидејќи пасошот обврзан си да го имаш. Ние говориме за сертификат кој некој го има за да може да ги намали бирократските процедури како што е ковид тест пред пристигнувањето или карантин по пристигнувањето во некоја земја. Овие работи сакаме да ги намалиме.

Адуите кои грчкиот премиер Мицотакис ќе ги стави пред своите колеги во Унијата  е дека вакциналниот документ не е рестриктивен, туку напротив со него ќе зголеми слободата на движењето. Не е ни дискриминирачки пишува во својата колумна Мицотакис, повторно инсистирајки дека не се работи за никаков пасош туку само вакцинална потврда. 

-Нашата цел не е да ги поделиме Европејците на две категории, оние кои се вакцинирани и оние кои не се вакцинирани. Напротив, сакаме да создадеме брза лента на движење за патувањата (fast travel lane) за оние кои го имаат овој дигитален, стандардизиран сертификат, пишува Мицотакис.

Тој објаснува дека оние кои што сакаат да патуваат, а го немаат сертификатот, ќе можат да патуваат но под постоечките правила, како што се задолжителен негативен ПЦР тест пред тргнувањето, рапид тест при пристигнувањето и карантин каде што е потребно.