Грејната сезона почна, учениците во 8 основни училишта во Карпош на настава без парно
Грејната сезона и официјално почна, ама учениците во осум основни училишта во Карпош на температури под 10 степени настава следеа без парно. Министерката за образование вели дека парите за греење во основните училишта се исплатени на сите општини, откако градоначалникот на Карпош побара Владата да го покрие долгот за парно од над 8 милиони денари. Јаневска е оптимист дека Јакимовски ќе најде решение, бидејќи, како што рече, невозможно е да се учи без греење.
„Ние блок дотациите ги исплативме на општините и нема што дополнително да даваме. Работа на градоначалниците и на директорите е како ќе се организираат за да ја спроведат не само грејната сезона, туку сè друго што треба. Така што градоначалникот, ако ова го упатил до нас, не е прашање за Министерството. Верувам дека градоначалникот, кој е многу способен, ќе најде начин да ги затопли училиштата“ – Весна Јаневска, Министерка за образование
Јакимовски и денеска тврди дека исплатените пари не се доволни.
„Ако министерката вика да се снајде градоначалникот, еве се снаоѓаме. Место да почне грејната сезона, ја одлагаме грејната сезона, да се снаоѓаме. А што се однесува до менаџирање на парите, еве јавно ја повикувам да ме викне на часови како треба да ги изменаџираме парите. Најпросто да ви објаснам: во февруари месец, за сите училишта се добиени 2 милиони денари. 10 училишта по 200 илјади денари, а само за едно училиште сметката е 540 илјади, 450, 380...како да го подмириме остаткот?“ – Стевчо Јакимовски, Градоначалник на Општина Карпош
Радијаторите останаа студени и во други 96 објекти каде поради различни проблеми се уште нема услови за испорака на топлинска енергија.
Дел од граѓаните од Карпош, Аеродром и Центар велат дека утринава имале парно, дел пак, од истите региони се пожалија дека немале никакво греење, или пак било слабо, па морале да догреваат со клима или греалка, што за нив претставува дополнителен трошок.
Од ЕСМ велат месецов и првата половина од ноември, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот во различни периоди од денот.
„Доколку надворешните температури се пониски се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно со стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 односно 21 степен Целзиусов.“
На парно во Скопје се греат околу 63 илјади домаќинства.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар