Македонија
1. December 2016 - 20:18

Груевски: Историска победа за Коалицијата „За подобра Македонија“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител во четвртата изборна единица Никола Груевски вечерва на митингот во Демир Хисар рече дека на претстојните избори народот како никогаш досега ќе излезе на гласање и ќе донесе историска победа за Коалицијата „За подобра Македонија“.

- Има многу причини за такво нешто. Прво, поради она што го имаме сработено, нашиот минат труд, остварените ветувања, но и новата програма „Реално“ со над 500 страници во која има многу нови работи кои ќе се исполнат во наредните четири години. Тука се и последните политички турбуленции и големата политичка криза која ни ја создаде СДСМ и затоа СДСМ ќе биде казнет, а ВМРО-ДПМНЕ ќе добие огромна поддршка, затоа што се бори за државата и за сите граѓани, затоа што не го делиме народот, рече Груевски.

Според него, народот на 11 декември ќе ги казни СДСМ за сите лаги искажани во изминатиот период. 

- И Државната изборна комисија, во која СДСМ има доминација, потврди дека нема фантомски гласачи. СДСМ ја лажеа цела меѓународна заедница и сите граѓани дека во Македонија имало фантомски гласачи. Затоа на 11 декември народот ќе ги казни СДСМ за сите лаги, рече Груевски пред граѓаните на Демир Хисар.

Антонио Милошоски, носител на листа на Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица пред жителите на Демир Хисар истакна дека на 11 декември СДСМ ќе ја добијат пораката од народот за тоа, како што рече, две години го држеле во заложништво и сакале да ја дестабилизираат државата.

- Ние не ветуваме нереални работи и завиткани проекти во целофан какви што нудат СДСМ. Тие ветуваат просечна плата од 30.000 денари ако дојдат на власт, а во нивното време на владеење просечната плата изнесуваше 8.000 денари. ВМРО-ДПМНЕ за разлика од СДСМ нуди реални проекти. Минималната плата во времето на СДСМ беше 6.000 денари, а сега кога не се на власт ветуваат минимална плата од 16.000 денари, рече Милошоски.

Оваа лага завиткана во целофан на СДСМ е нереална лага и многу опасна игра, ние знаеме, памтиме кога СДСМ беше на власт во 2006 година бројот на невработени беше 38 проценти невработеност, а денес со макотрпни маки и заложба на ВМРО-ДПМНЕ успеавме да ја намалиме невработеноста на 24 проценти.

- Нашата цел и желба за во иднина е да донесеме многу странски инвестиции и да отвориме дополнителни 70.000 нови работни места, истакна Милошоски.