Македонија
27. April 2024 - 16:32

Хоспитализирани четири деца со голема кашлица - на „Школка“ одбележана европска недела на имунизација

Се намалува бројот на заболени од голема кашлица, но се уште се хоспитализираат деца поради компликации предизвикани од бактериската инфекција. Според неделниот извештај на ИЈЗ во моментот на болничко лекување со потврден пертусис има 4 дечиња. Со новорегистрираните 27 случаи бројката на заразени надмина 500-тини. Најголемиот дел се од Скопје на училишна возраст и невакцинирани.

Освен со голема кашлица според здравствените власти се заканува и нова епидемија на морбили, поради слабиот опфат на вакцинација со МРП, а малите сипаници веќе се шират во регионот. Иако има благ пораст,  со 73 отсто сме далеку од посакуваниот колективен имунитет од 95 проценти.

Од министерството за здравство најавуваат и теренска вакцинација со фокус токму на овие две вакцини.

Родителите кои беа пристутни на одбележувањето на Европската недела на имунизација на Школка порачаа сите деца да се вакцинираат.

Пораки за бенефитите од вакцините и за борба против дезинформациите испратија и првите луѓе на ЕУ, УНИЦЕФ и СЗО во земјава.

Во моментот епидемија на голема кашлица, освен во Скопје е прогласена и во Куманово, каде исто така има слаб опфат со ДиТеПер вакцината