Loading Video...
Кошарка
23. February 2020 - 18:05

Храбра игра на македонските кошаркари, но недоволна за победа над Русија

Сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија, го претрпе и вториот пораз во квалификациите за ЕП 2021.
 
За разлика од првиот натпревар против Естонија кој го загубивме во Скопје, денеска во Перм, нашите кошаркари се прикажаа во далеку подобро светло, одиграа храбро, но за жал недоволно да се совлада Русија. 
 
Откако ние го добивме првиот период (19-20), а Русите следните два (19-16 и 17-19) во последната четвртина домаќините влегоа со 6 поени предност (57-53). Клучни се покажаа првите пет минути од четвртата четвртина во кои  Русите стигна аи до највисоката предност од +13 во 35.минута (68-55). 
 
Но, нашите не се предадоа, напротив возвратија со 10-0, а имаа можност и за кош плус, па во последните 2,5 минути влегоа со само три негатива (68-65). 
 
Сепак немаа сили жолто-црвените за комплетен резултатски пресврт, па на крајот Русите се радуваа на победа со конечни 77-67.
 
Витали Фридзон кој постигна три од 10-те тројки кај домаќините беше најефикасен на мечот со 23 поени. 
 
Во нашата селекција Андреј магдевски и Шејн Витингтон завршија со идентичен учинок со по 14 поени, 6 скокови и 4 асистенции, додека капитенот Војдан Стојановски на 10-те поени придодаде 5 скока и 4 асистенции. 
 
Вториот натпревар од нашата група Естонија ја пречекува  Италија. 
 
По ова следува пауза во квалификациите, а вториот прозорец со по два натпревари ќе се играа кон крајот на ноември месец, кога нашата селекција ќе одигра два натпревари на гостински терен и тоа на 27 ноември во Италија, а три дена подоцна (30 ноември) гостува кај Естонија.