Loading Video...
Македонија
8. July 2024 - 16:37

И Грците не планираат, но не исклучуваат средба Мицотакис - Мицкоски на НАТО самитот во Вашингтон

Не е планирано, но не се исклучува грчкиот премиер Мицотакис на маргините на НАТО самитот во Вашингтон да има билатерални средби со некои од лидерите. Ова е одговорот на грчката влада за тоа дали во агендата на Мицотакис е средба и со македонскиот премиер Мицкоски по коментарите на официјална Атина за прекршување на Преспанскиот договор од новата власт.  Но, и со средба и без нејзе, од Атина со порака дека Мицотакис ќе го издигне прашањето за користењето на уставното име на Македонија на највисоко ниво на годишниот состанок на Алијансата.

„Не, не е планирана средба, но не е исклучено во рамките на активностите и на маргините на Самитот на НАТО, премиерот да има и некои билатерални средби. Но, нешто планирано, не постои,…Но, премиерот ќе го покрене прашањето на највисоко ниво. Ќе го спомене Договорот што не се почитува, особено прашањето со сложеното име ерга омнес. “

 Од македонската влада возвраќаат дека грчката страна нема побарано средба со македонската делегација во НАТО, но дека подготовеност за разговри има.

 „Подготвени сме да разговараме за сите прашања, вклучително и за исполнување на Преспанскиот договор за кој е веќе познато дека се почитува од македонските власти, но таков дијалог би бил добра прилика да се види кои работи ги исполнила и грчката страна во рамките на обврските кои се превземани со овој договор. Би било многу попродуктивно да се разговара за јакнење на економските односи меѓу двете земји и подобар живот за граѓаните отколку јакнење на политички позиции и насионалистички страсти“, коментираат од македонската влада.

Западен Балкан и меѓусебните односи во регионот не се дел од официјалната агенда на состанокот. Она што ќе биде во фокусот според светските експерти и оваа година е  Украина, како руското и кинеското влијание на границите на новите членки Шведска и Финска. 

 ,,Украина ќе доминира во разговорот, како што треба. Во тек е голема војна...Па, мислам дека ќе има разговори за способноста на НАТО да ги заштити членките на НАТО. Така? Добивме две нови членки на НАТО, Шведска и Финска. Финска има многу долга копнена граница со Русија што бара од НАТО да ги ажурира своите оперативни планови за одбрана на територијата на НАТО“

Вашингтон овие денови дише во духот на Самитот имајќи пред вид дека САД е најсилната алка на Алијансата. Ова ќе биде и последен НАТО самит што ќе го предводи Столтенберг. Норвешкиот политичар стана генерален секретар на најголемата воена Алијанса пред точно 10 години, преземајќи ја функцијата од Расмусен. Столтенберг ќе го наследи поранешниот холандски премиер Марк Руте.