Бизнис
28. November 2020 - 16:49

И во време на пандемија потрошувачката е висока

Пандемијата не е пречка за граѓаните да шетаат во продавници и да ги користат попустите за време на “Блек Фрајдеј”. Според проценките на Организацијата на потрошувачи на Македонија, од почетокот на годинава потрошувачката не е намалена. Граѓаните активно купуваат и покрај пандемијата, а во последно време многу повеќе се трошат пари за апарати за домаќинство, покуќнина и мебел, особено кога има поголеми попусти.

“Самите фирми и продавачи секако дека тие повеќе сакаат да имаат секогаш профит. Е сега, тоа останува на самата свест на граѓаните да одлучат дали тие ќе дојдат и купуваат во Блек Фрајдеј, дали тие ќе ги запазат мерките на заштита или, пак, едноставно ќе останат дома”, вели Мартина Грнчаровска, правен советник во Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Попусти за време на “Блек Фрајдеј” има и доколку се купува преку интернет, па од Организацијата на потрошувачи апелираат да се внимава од кого се купува.

“Секојдневно добиваме барем по пет поплаки од страна на граѓаните, кои што најчесто се измамени од купувањето преку Фејсбук продажбата. Од тој аспект, ние како Организација, апелираме до граѓаните секогаш да внимаваат при купување на онлајн продажбата, од аспект што тие купуваат преку Фејсбук продажба, најчесто незнаејќи дека тоа се нелегални трговци и следниот ден тие не може да ги заштитат своите права бидејќи тие Фејсбук продавачи ниту им даваат фискална сметка ниту, пак, имаат некаква трансакција, со што тие понатаму имаат потешкотии со заштита на своите права”, вели Мартина Грнчаровска, правен советник во Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Додека во светот големите попусти важат само еден ден, на самиот “Блек Фрајдеј”, кај трговците во Македонија распродажбата трае цел викенд, па дури и цела недела. Директорот на Државниот пазарен инспекторат вели дека активно ги следат цените на производите и услугите но, дури откако ќе заврши акцијата ќе може да утврдат дали попустите биле реални.