Македонија
6. February 2025 - 16:33

ИЈЗ: За една недела има над 3000 болни од грип – пријавени и два смртни случаи

Грипот го достигнува пикот. Според извештајот на ИЈЗ минатата недела регистрирани се 3036 случаи, што е најмногу сезонава на неделно ниво и речиси за 62 отсто повеќе од претходната седмица. Пријавени се и два смртни случаи поради компликации од вирусот, кој кај нив бил и лабораториски потврден. Лицата на возраст од 59 и 77 години од Скопје и Свети Николе имале и други заболувања и не биле вакцинирани.  Починале на Инфективна и во Штипската клиничка болница.

Анализа на ИЈЗ покажува дека најмногу болни од грип има во Скопје, Кавадарци, Струмица, Куманово...Најголем дел од заболените се работоспособно население, а една третина деца до 14 години.

Периодов и матичните лекари имаат зголемен број на пациенти со респираторни инфекции, а симптомите најчесто биле висока температура, малаксаност и болки во мускулите карактеристични за грипот.

-Кога започнуваат симптомите, со грип почнуваат бурно со висока температура и обично трае 3,4 дена. Буквално врзува за кревет,се јавува болка во мускулите и омалаксаност. Значи пациентите треба само да пијат парацетамоли, витамин Ц и повеќе течности, да одмараат и да не се плашат ако имаат температура 3,4 дена, вели д-р сци. Драган Ѓорѓиевски, матичен лекар и претседател на ЗЛОМ – СМ.

Доктор Ѓоргиевски советува ако температурата не се намалува после 3,4 дена тогаш граѓаните да се обратат на лекар, зошто можеби станува збор за бактериска инфекција која периодов посебно кај децата често предизвикува гнојна ангина.