Македонија
3. October 2022 - 16:35

Има ли неосновани одбивања на барањата за надомест на туѓа нега?

72 годишна скопјанка со тешка форма на деменција одбиена за туѓа нега. И лекарите и првостепената и второстепена комисија процениле дека нема потреба од помош од друго лице бидејќи можела сама да ги задоволува основните животни потреби. Семејството револтирано – кој е критериумот за вакви одлуки и како три години била корисник на надоместокот а сега немало потреба.

Велат дека пред два месеци се изгубила и едвај ја нашле а дома без надзор не може. До Сител ја доставија документацијата од специјалистичките прегледи и во извештајот е наведена дијагнозата и укажувањето  дека не може сама да се грижи за себе.  Но комисиите процениле поинаку. Лицата со деменција не се способни за самостојно функционирање е ставот што го добивме од  директорот на Неврологија.

-Самата дефиниција деменција значи дека не може да се грижи сам за себе. Овие лица можат да излезат од дома  ида се изгубат, да уклучат електрични апарати и да ги заборават и да дојде до хаварија, не сакаат сами и да јадат и затоа им е потребна секојдневна помош, вели др. Иван Барбов директор на Клиника за неврологија. 

Во решението за престанок на правото на надоместок за помош од друго лице, наведено е дека имало промени во фактичката состојба и затоа нема потреба од помош. За деменција има лекови, но не и излекување категорични се лекарите.

-Дали некој се излечил од деменција досега...не...вели Барбов

Прашањето е кој и за какви дијагнози зема туѓа нега во државата? Законот за социјална заштита вели едно, но секојдневната пракса како случајот со 72 годишната скопјанка покажува друго. 

На овие дилеми побаравме став од Министерството за труд и социјална политика. Конкретен одговор зошто на лице со деменција му е укинат надоместокот не добивме, освен членот од законот кој може да добие помош од друго лице и како работат комисиите.