Македонија
27. October 2021 - 16:46

Има ли причина за страв кај граѓаните вакцинирани со кинески вакцини?

Најранливите категории граѓани со повеќе хронични заболувања беа вакцинирани со Синофарм и Синовак. Ова според професорот по имунологија Александар Петличковски е една од причините зошто во последните две објавени анализи на Министерството за здравство најголем дел од починатите со Ковид-19 кои биле вакцинирани примиле кинески вакцини. Од 124 смртни случаи со Ковид минатата недела 27 лица биле имунизирани, 16 примиле Синофарм, а 6 Синовак. 

-Еден од елементите што условува ваква висока бројка на вакцинирани, а починати, особено кај кинеските вакцини е тоа што кај нас прво сериозно голем дел од популацијата се вакцинираше со кинеските вакцини и второ во времето кога овие вакцини беа присутни, приоритетни за вакцинирање беа луѓето со сериозни коморбидитети, постарите, реално најранливите категории граѓани кај нас се вакцинираа со кинеските вакцини. Реално ако ги земеме овие бројќи во предвид мислам дека ситуацијата по однос на функционирањето на вакцините не е сериозна и ние повторно имаме убедливи докази дека сите вакцини вклучително и кинеските штитат многу добро од сериозна болест и смрт, имајќи во предвид дека над 80 проценти од починатите се невакцинирани, изјави професорот по имунологија и директор на Институтот за Имунобиологија и хумана генетика Александар Петличковски.

Според професорот Петличковски за дополнителна заштита од Ковид неопходно е засилување на имунитетот со трета доза.

-Имунитетот после вакцината е утврдено дека се намалува со тек на време. Од тука дојдоа оние препораки за засилување на имунитетот со трета доза после 6 месеци првично и после 3 месеци за луѓето кои примиле кинески вакцини на Синофарм и Синовак. Мислам дека е ова добра реакција во насока на засилување на имунитетот и мислам дека од луѓето е добро прифатена, бидејќи оние кои веруваат во вакцините сакаат да си обезбедат максимална заштита и затоа деновиве се гужвите пред вакциналните пунктови, додаде професорот Петличковски.

Само вчера 4232-ца граѓани примиле трета доза, досега бустер им бил даден на над 20.000 граѓани.

Покрај во Букурешт, Чаир и Јане Сандански, од утре и во останатите поликлиники во Скопје ќе има Фајзер, информираа од Здравствен дом.