Loading Video...
Фудбал
24. May 2020 - 17:02

Има ли услови за рестарт на мак-фудбалот?!

Кошаркарите од 18 клуба во евролигата поради страв од пандемијата побараа прекин на највалитетното кошаркарско првенство на стариот континент. Во светот на коронавирусот секој сака да си го заштити здравјето.  Во Македонија се заговара продолжение на фудбалското првенство без јасна цел и издржан здравствен протокол.
Пандемијата го стивна спортот во целиот свет  со огромни штети за актерите и клубовите. Но сепак во битката помеѓу  профитот  и здравјето на спортистите и навивачите  се поголем број држави и федерации ги сторнираа шампионатите или пак ги поместија големите натпрварувања за наредната година.  Таква судбина и се заканува и на елитната кошаркарска Евролига каде капитените на 18-те клуба учесници во прв план го ставија здравјето на актерите и кошаркарските работници и изгласаа прекин на ова натпреварување. 
И кај нас соочени со заканата од Ковид -19  беа прекинати ракометниот и кошаркарскиот карван.  Продолжение нема и во одбојкарскиот шампионат откако лидерот Вардар не ги прифати условите од федерацијата за доигрување на првенството. 
Засега нејасна е состојбата само во мак-фудбалот каде многу дилеми се решени  и не е јасно зошто некој сака да се игра фудбал во вакви тешки услови кога здравствените работници мака мачат да ја стават под контрола опасната заразна болест. 
ФФМ се обидува да ја префрли одговорноста на клубовите и да организира првенство со плеј-оф и плеј-аут.  Ако 90% од пласманот на табелата е реализиран особено што нема да има испаѓање од лигата тогаш  се прашуваме зошто би се ризикувало здравјето  на фудбалерите и фудбалските работници за доигрување на првенството.  Кој би имал интерес и кој ќе ја понесе одговорноста доколку коронавирусот се гнезди меѓу фудбалерите и сите учесници во организацијата на натпреварите. 
Би разбрале ако се работи за големи пари од телевизиски права како во богатите европски држави но за да се игра во опасни услови фудбал заради нечии ситни интереси тогаш е апсурд. 
И ќе објасни ли некој што ќе се случи доколку повторно се прекине првенството. Кој ќе им ги плати трошоците на екипите. Кој ќе го преземе ризикот од повреди на фудбалерите поради краткиот период за подготовки, ќе биде ли првенството регуларно без странските фудбалери кои ќе се вратат дури по 15-ти јуни во лига во која половина од екипите ќе немаат мотив да се натпреваруваат со обезбеден опстанок. 
Со ваква ризична одлука ФФМ не само што загрозува нечие здравје туку и го става под знак прашалник и стартот на следното првенство кое  доколку се стави крај на тековниот шампионат ќе може комотно да се планира за првата недела од месец август.