Македонија
29. October 2020 - 16:48

Инспекциите добија поголеми надлежности

Инспекторите од денес, со нови, поголеми овластувања. Ќе ги казнуваат на лице место граѓаните кои нема да носат маска на отворено. Состојбата е серизна, бројките на заболени и починати растат, болничките  капацитети се полнат, здравствениот систем е оптоварен. Затоа  вицепремиерот Николовски побара од граѓаните да ги почитуваат  мерките, за  да се спречи ширењето на вирусот.

-Ако инспекторите констатираат одредено прекршување на протоколите од некое правно лице, во истиот момент ќе му биде изречена привремена забрана за вршење дејност од 10 до 30 дена. Висината на глобите, ќе варира во зависност од големината на правниот субјект – мало, средно или големо претпријатие, како и соодветни глоби за одговорните лица, изјави вицепремиерот Љупчо Николовски. 

Инспекциските  служби се соочуваат со недостиг на кадар, но Николовски уверува дека ќе се скратат од парите на привилегираните функционери, за да се вработат дополнителни инспектори. Во моментов Државниот Пазарен инспекторат работи со над 120 инспектори, а за дополнителни 20 вработувања државата ќе обезбеди финансии од наредната година. Инаку, со законските измени, за угостителските објекти остануваат старите правила – таму граѓаните ќе можат да седат без маска. Истата ќе мора да ја стават кога ќе излезат надвор, на отворено. Во спротивно ќе платат 20 евра казна.

Во изминатиот период, во бројни кафулиња се организираа концерти, забави со Ди Џеи, се кршеа протоколи, а надлежен да казнува не беше никој.  Од МВР велеа дека тоа е обврска на Пазарна, која пак не можеше да затвора локали за непочитување на проколите, туку само за пречекорување на работното време. Со новите законски измени,  инспекторите сега ќе можат и да казнуваат и да ги пломбираат угостителските објекти кои нема да го почитуваат законот.