Македонија
28. September 2026 - 17:11

Институциите го пробиваат рокот за одговор за слободен пристап до информации

20 години од носењето на Законот за пристап до информации од јавен карактер. Колку институциите навистина се отворени за граѓаните и одговараат на ваквите барања кои најчесто доаѓаат од Невладиниот сектор и од новинарите? 
Институциите исполнуваат околу 50% од индикаторите за пристапност до информации од јавен карактер. Одговараат бавно и често го надминуваат законскиот рок од 20 дена, кој впрочем е и најдолг во регионот. 
На што се должи ова?

- Проблемот многу често се сведува на промена на носителите на одговорните лица на институциите. Што ќе рече дека се уште во нашата држава пристапот до информации зависи од политичката волја и од првиот човек, вели програмската директорка на Метаморфозис, Данче Даниловска Бајдевска.

Агенцијата за слободен пристап до информации на почетокот на годината беше без директор, па беше целосно нефункционална. Медиумите и граѓанските организации немаа каде да се пожалат за недобивање одговори од страна на институциите. Новиот директор уверува дека и покрај тоа, вработените ги решиле сите предмети.

- Досега поднесени се 334 жалби, од почетокот на годината. Со тоа што треба да знаете дека на почетокот на годината ние имавме застој. Практички до април месец имавме 142 жалби. Со тие почнавме одеднаш, се е решено, сите жалби се процесирани, вели директорот Петар Гајдов. 
Шведска е првата држава во светот која уште во 1766 година го донесе првиот закон кој гарантира слобода до јавни информации. Амбасадорите на Шведска и Швајцарија во земјава велат дека проблемите речиси секаде се исти, а тоа се ресурсите кои ги поседуваат институциите.

- Можеби некои од предизвиците се поголеми тука, главно поради долгата традиција која ја имаме во Шведска во поглед на слободата на јавни информации. Тоа е вметнато во системот. Така системот функционира. Граѓаните ги знаат своите права, редовно бараат информации, но важно е институциите да бидат опремени, да имаат ресурси и да бидат поттикнати да ги даваат информациите и да го зачуваат тој систем на слобода, вели амбасадорот на Шведска во земјава, Ола Сохлстром

- Многу е важно граѓаните по автоматизам да имаат пристап до јавни информации. Сепак, како што беше споменато, многу често е прашање до пристап до ресурси. Тоа го забележуваме и ние самите. Некогаш кога добиваме барања за пристап, тоа товар, тоа е напор кој мора да го направиме како администрација, но го правиме зашто вреди, вели амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер. 

И граѓанските организации, но и директоорот на Агенцијата поставија амбициозна цел – наместо да говориме за тоа која институција колку е транспарентна, институциите проактивно да ги објавуваат информациите кои на граѓаните и јавноста им се важни.