Македонија
14. April 2016 - 18:29

Иванов: Некои амбасадори ги пречекорија своите овластувања

Некои од амбасадорите ги пречекорија своите овластувања кои постојат во Виенската конвенција за дипломатија. Не сакаме да влегуваме во конфликт со земјите од каде што доаѓаат,  но јас и во традиционалното годишно обраќање пред дипломатскиот кор им кажав, да внимаваат тоа што го работат да не биде погрешно сфатено.

Ова го истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во одговор на прашања во заедничкото интервју за повеќе македонски телевизии.

- Амбасадорите доаѓаат и си одат. Нашите проблеми остануваат, и  остануваат навиките и преседаните да можат и други да ги користат. Тоа можеби го правеле во време кога не сме имале своја држава, свои партии, свои институции и свој Устав. Но, тоа денес е недозволиво, порача македонскиот претседател. 

Кажав, додаде, во моето обраќање, амбасадорите ни се шетаат по судови, им се диктира по телефон што да се работи. Тоа нели е притисок, или притисокот важи само за домашната јавност? 

Претседателот изјави дека никој до сега не успеал да го притисне, ниту да го скрши и уцени. - Влегов во ова со чист образ и со чист образ сакам да излезам, рече претседателот. 

 На прашањето кој стои позади СЈО, Иванов одговори дека посакува да стои Пржинскиот договор, лидерите и меѓународната заедница. - Тоа го посакувам. А кој вистински стои тоа треба да си го кажат тие кои функционираат надвор од Пржинскиот договор, надвор од согласноста на лидерите и меѓународната заедница. Времето ќе покаже. Ништо во Македонија не останало тајна, истакна Иванов. 

Со самото тоа што не се сака да се оди на избори, порача Иванов, се руши Пржинскиот договор. 

- Со самото тоа што одредени субјекти не сакаат да се одржат изборите се руши Пржинскиот договор. Сте презеле обврска,  мора да ја исполните. Сум положил свечена изјава дека ќе го штитам Уставот и законите, ќе продолжам тоа да го правам. Што ми е дадено во уставот и законите јас ќе го користам, за добро на држава и на сите што живееме во Македонија, потенцира претседателот Ѓорге Иванов.