Македонија
9. July 2020 - 16:40

Избори 2020: Заев ветува забрзан процес на преговори со ЕУ

Заев ветува отворање на 80 проценти од преговорите со Европската унија во следните 4 години, а заокружување на целиот преговарачки процес до 2026-та. На заедничката прес-конференција со своојот коалициски партнер Касами, лидерот на СДСМ ја побара поддршката на граѓаните за како што вели да се осигура безбедноста и европската иднина на земјата.

„Подготвени сме, знаеме и можеме да отвориме 80 отсто од поглавјата до 2024 а за шест години, да го затвориме целиот преговарачки процес со Европската унија. Ова е нашата понуда за следните 4 години. Точно знаеме каква држава сакаме да биде Северна Македонија во 2024 година. Слободна, демократска, европска држава, интегрирана, пријател со соседите“, вели Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање за вчера објавениот телефонски разговор со лажната Грета Тумберг, Заев потенцира дека во текот на разговорот знаел дека се работи за хибриден напад од руските пранкери и дека затоа бил претпазлив во она што го збори.

„Гледате дека во самиот разговор јас повеќе од времето молчам заради тоа што во текот на разговорите тоа го препознавме и оставивме да зборуваат комлетно за да можеме веднаш да го објавиме. Го информниравме и семејството на Грета. Тие тогаш реагираа колку се згрозени од злоупотребата на идентитетите на славни личности. Сето тоа кажува колку овој нов свет може да биде загрозувачки за државите, за граѓаните, за градовите, за поединци, така да дефинитивно треба уште повеќе да бидеме подготвени во општеството.  Гледате дека во разговорите јас стојам на државните ставови“, вели Заев.

За разговорот помеѓу Заев и Грета Тумберг кој вчера се појави на Јутјуб, владината прес служба во ноември минатата година објави дека е спречен хибриден напад врз кабинетот на премиерот, но детали од разговорот не беа објавени. Претходно руските пранкери објавија и разговор на Заев во лажни Петро Порошенко и Јенс Столтенберг.