Изборот на Хоџа и Сали во среда пред пратениците
Собранието во среда ќе гласа за изборот на новите министри кои треба да ги заземат позициите по заминувањето на Изет Меџити. На собранискиот сајт веќе е закажана седницата на која треба да се гласа за изборот на Муамет Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање. Пратениците треба да гласаат и по разрешување на Орхан Муртезани од минстерската позиција во европски прашања, а да биде избран Беким Сали за негов наследник. Со ова се отвора просторот и за назначување на Сали за вицепремиер. Муртезани за Сител потврди дека ќе биде разрешен од позицијата, но не сакаше да ги потврди информациите дека тој продолжува во амбасадорска мисија во Брисел.
Освен пополнувањето на празните места нема разговори меѓу владините партнери за реконструкција на влада, вели Изет Меџити за Сител.
Во ВРЕДИ статус кво е и формирање на една партија која месеци нананзад се најавува. Процесот било во тек, но не откриваат кој би застанал на лидерската позиција иако веќе неофицијално се споменуваат Меџити и Касами како најсериозни кандидати.
Додека Вреди тактизира со формирање на партијата, ДУИ испорачува ултиматуми - Бадентеровото мнозинство е единствен услов на интегративците за влез во идна влада. Одлуката, усвоена на партискиот конгрес, денеска беше потврдена на брифинг на Ахмети и дел од новото раководство. Според него, ова било мала уставна измена со големо решение, која го зајакнува духот на Рамковниот договор и спречува поделба на државата.
За експертската јавноста ова е нов обид за ребрендирање на ДУИ преку испорачување на големи политички барања.
Според најавите на владата за евентуална смена на министри ќе се разговара напролет.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
