Кадровско зајакнување во КБ-ШТИП, со 60 нови вработувања
Во тековната 2026-та, штипска Клиничка планира значително зголемување на бројот на вработени, со што би се зајакнал човечкиот потенцијал во здравствената установа. Согласно добиените согласности, ќе продолжат договорите за вработените на определено време, додека паралелно се спроведува постапка за трајно вработување на 25 лица. Како дел од втората фаза од програмата на Министерството за здравство, се предвидува и ангажирање на приватни специјализанти, чекор кој треба дополнително да ја стабилизира кадровската состојба во болницата.
- Во понеделникот го пуштивме договорот за вработување на неопределено за 25. Оптимистички е и тие 31 што се на определено да ги трансформираме на неопределено. Тоа би било околу 56 до 60 вработувања. Дополнително, се надеваме на втората етапа од вработување на приватните специјализанти, изјави д-р Владко Захариев, директор на КБ-Штип.
Новите вработувања ќе бидат насочени пред сѐ кон пополнување на дефицитарните работни места, особено во делот на средниот и помошно-техничкиот кадар, кој моментално претставува најголем предизвик за функционирањето на болницата.
- Ќе има помалку доктори. Повеќе среден и технички персонал, болничари, медицински сестри, шофери, а ќе има и вработување на административен кадар, економист, правник, додаде Захариев.
Паралелно со кадровското зајакнување, раководството најавува и зголемување на буџетот за тековната година, кој би бил повисок за 10 до 15 % во однос на минатогодишните околу 870 милиони денари. Дел од средствата ќе бидат наменети за набавка и сервисирање на медицинска опрема, како и за санација на потпорниот ѕид кој неодамна падна и потрупа две паркирани возила.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
