Македонија
17. January 2022 - 16:52

Како помина првиот ден на новата влада?

Премиерот Ковачевски и министрите од неговиот кабинeт седнаа на своите места во владината сала. На само 14 часа од нивниот избор во парламентот ја одржаа првата владина седница. Но, тоа не беше нивна прва активност по изборот. Во владата стигнаа по средба со шефот на државата Пендаровски. Пред него Ковачевски вети итно справување со енергетска, економската и здравствената криза, но бара и соработка со опозицијата.

Новиот премиер најави и јасни црвени линии за македонскиот јазик на утрешната средба со бугарскиот премиер Петков, но пред се разговорите ќе се темелеле на економска соработка меѓу двете држави. Ковачевски вели дека е разумен оптимист кој работи на решнија, а не ги чека.

-Во однос на историските прашања секогаш сум кажувал дека треба да бидат дел од дебата на историчарите, а дека довербата меѓу граѓаните треба да се гради на позиции коишто значат подобар стандард за нив и како да дојдеме до тоа. Во однос на малцинските права ние ги почитуваме сите повелби и сите организации во кои се регулираат на меѓународно ниво, вклучително и ОН и малцинските права. Ние исто така сме држава која што кажала во однос на сите свои соседи дека нема да се меша во нивните внатрешни прашања.

Коментирајќи го тоа дека нема кадровски примени во делот на министрите на ДУИ, премиерот вели дека не ги дели луѓето со кои работи согласно партиската припадност, но и дека е задоволен од перформансите на интегративците во Владата.

Првиот работен ден како премиер Ковачевски го почна со примопредавање на функцијата од неговиот претходник Заев во премиерскиот кабиент.

-Денеска ги предадов функцијата и кабинетот на новиот претседател на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

Нему и на министрите им посакувам успех во работата и исполнување на програмата и приоритетите на новата Влада за наредниот период, работејќи исклучиво за интересите на граѓаните и на државата.“, напиша Заев на Фејсбук.

Веднаш потоа, Ковачевски беше домаќин на германската министерка за Европа, Ана Лирман која е во посета на Македонија. Новиот премиер имаше средба и со американската амбасадорка Кејт Мари Брнз на која била потврдена соработката меѓу двете држави како стратешки партнери, како и поддршката за деблокирање на евроинтеграциските процеси, но и за поттикнување на проекти за енергетска независност на Македонија

Владиниот кабинет на Ковачевски синоќа ја доби довербата од 62 пратенци по дводневната дебата во Собранието.  Тоа е еден повеќе  од потребниот минимум од 61 пратеник, но и двајца помалку од 64 – колку што поседува владејачката коалиција СДСМ-ДУИ-Алтернатива.

За Владата не гласаа пратеничката Лолита Ристова од СДСМ која е позитивна на Ковид 19 и Изет меџити од ДУИ кој објави дека нема да присуствува на гласањето. Меџити официјално не ги соопшти причните, но тој беше незадволен и при изборот на последната влада на Заев поради тоа што во нејзе како кадри влегоа Груби и Османи.