Бизнис
30. November 2022 - 16:33

Ќе се намалат ли цените во маркетите од утре?

Од утре 518 потрошувачи од слободниот пазар ќе користат поевтина струја преку ЕСМ. Училиштата и претпријатијата за водни услуги ќе плаќаат 95 евра за мегават час, а производителите на храна – 80. Надлежните се уште немаат пресметка колку струја ќе влечат новите приклучоци, ама премиерот ветува дека увозот ќе се намалува, бидејќи за скоро ќе проработат термоелектраните Осломеј и Неготино.

„Со ставањето на сите капацитети во производство ќе се намали потребата од увоз на електична енергија со оглед на тоа што ќе имаме зголемено производство во државата. Граѓаните не треба да се грижат, затоа што финансиската конструкција беше обезбедена со ребалансот на буџетот“- Димитар Ковачевски, премиер.

Дел од компаниите реагираа дека се одбиени поради тоа што имаат поставено фотоволтаици. Од ЕСМ преку соопштение велат дека тие не одлучуваат кои броила ќе бидат одобрени за приклучување. Наведената обврска е во рамките на правниот субјект во рамките на ЕВН кој ја врши дистрибуцијата, и одобрувањето и прифаќањето се врши согласно правилата на работа на наведеното правно лице, велат од ЕСМ.

Oд ЕВН, пак, децидни: освен договор за снабдување, ЕСМ треба да понуди и договор за откуп на енергија од фотоволтаици. Регулирање на односите на овие корисници со ЕСМ Продажба може да се случи само доколку се направи договор за снабдување, но и договор за откуп на произведената енергија со ЕСМ Продажба. По направените консултации, договорено е ЕСМ Продажба да понуди одреден модел за да се надмине ситуацијата со производителите на енергија од фотоволтаични системи, стои во одговорот.

Цената на продуктите ќе мора да ја намалат сите. И корисниците на поевтина струја и оние кои не аплицирале или не ја добиле помошта. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа и други мерки за дополнитно намалување на цените.

„Ја повикувам пазарната инспекција да контролира повеќе во маркетите за да види дали цените навистина ќе бидат намалени. А за дополнително да се намалат цените може да се интервенира со активирање на стоковните резерви и со замрзнување на цените на производите.“ – Бојан Стојановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Стопанската комора, пак, која со месеци бараше владина поддршка, сега не ги коментира ефектите од оваа мерка.

„Тоа е прашање кое не е тема на денешниов настан“ – Елена Милевска Штрбевска, заменик претседател на Стопанска комора

Во меѓувреме, за првпат по два месеца, берзанската цена на струјата скокна на 400 евра за мегават час. Домашните компании кои нема да користат субвенционирана струја, ќе ја плаќаат оваа цена. Во вакви услови, ЕСМ продажба продолжува да купува струја. За утре е планирана нова набавка тешка осум милиони евра. Набавени се над 23 илјади мегават-часа струја за само четири дена во декември. 

За новиот оглас, Мицкоски на ФБ реагираше дека плаќањето е со аванс, за авансно да добиваат провизии. Од ЕСМ одговорија дека авансното плаќање се користело и во времето кога Христијан Мицкоски бил директор на ЕЛЕМ и ги вршел набавките.