Македонија
20. March 2025 - 17:02

Коцевски: Сите закони и прописи постоеле на хартија, но речиси ниту еден не се применувал

Непочитувањето на законите предолго се толерирало, а исходот е поразителен за сите нас. Сега сите бараат правда и правдата мора да биде задоволена.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за српска Политика вели, државата во последните неколку години се соочи со многу трагични случаи за кои освен директните причини за катастрофите, често постојат и дополнителни причини како непочитување на законите и системска корупција.

Коцевски уверува - истрагата ќе биде брза и ефикасна. 

-Ќе биде сеопфатна и ќе го опфати секој за кого ќе најдеме докази дека направил какво било кривично дело и со тоа придонел за овие ужасни последици. Ќе одговараат и тие кои со непостапување и неисполнување на службените должности носат дел од вината за катастрофата, вели Коцевски. 

Говорејќи за сѐ тоа што тимот јавни обвинители досега го има прибрани како доказ, државниот јавен обвинител вели дека освен материјални, постојат и докази во вид на изјави.

- Доказите се прибавуваат во изјави и во материјален облик, но и во облик на експертиза и стручни мисења од поедини области. Сите овие докази досега упатуваат на сомнеж за кривично дело - тешки дела против општата сигурност поради дикретно загрозување на животот и телата на луѓето, за што се заканува и до 20 години. Исто така, ќе се испитува и давање и примање мито, незаконитости во набавка на пиротехника, како и неколку други кривични дела, вели Коцевски. 

Во предистражната постапка која ја води тимот од девет јавни обвинители засега осомничени се 26 лица, од кои тројца се во болница.

 Седдуммина од нив се полициски службеници, но за нив предметот го води Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. За нив е определен 30-дневен ефективен притвор, а за сите останати кои се притворени сѐ уште е во сила краткорочниот 48-часовен притвор. За 16 од нив, вториот краткорочен притвор завршува утре, по што доколку Јавното обвинителство сѐ уште ги смета за осомничени ќе мора да побара 30-дневен притвор.