Македонија
22. September 2020 - 16:48

Колку мајки и хронично болни утре се враќаат на работа?

2652 мајки кои се на продолжено породилно утре се враќаат на работа. Мерката престанува да важи и за хронично болните кои немаат влошување на здравствената состојба, но никој во државата нема евиденција колку граѓани изминатите 6 месеци биле ослободени од работа поради коронавирусот. Иако побаравме податоци колку пациенти преку Мој термин добиле извештај од специјалист и понатаму да останат дома, конкретен одговор не добивме.

На пулмологија која опфаќа повеќе респираторни болести изминатите 10 дена од 600-тини прегледи само 40-тина пациенти имале влошување на состојбата и влегле во ризична категорија за да не одат на работа. Стручниот колегиум дефинирал точни критериуми по кои ќе се пропишува боледување.

-Оние кои се со голем ризик пациенти, постојат дефинирани мерливи критериуми кои секако ги ослободуваат тие пациенти од работа. Оние кои се лесни пациенти и немаат никакво нарушување на белодробната функција и тие се лесни и немаат причина да отсуствуваат од работа. Оние со среден ризик се покомплицирани бидејќи треба умешност на лекарот, но да нема субјективност донесовме точно утврдени критериуми за ХООБ и астма. И вкупниот број на пациенти на кои сме препишале боледување е околу 7 проценти од сите пријавени кои имале хронично заболување и отсуствувале од работа, изјјави професор Дејан Докиќ директор на Клиниката за пулмологија.

На ден пред стапување на сила на Владината одлука пред новите простории на Пулмологија немаше гужва. Пациентите мораа да влезат со маски, а задолжително им се мереше температура. На шалтерите чечаа еден по еден. Работеа 4 амбуланти. Имаше и граѓани кои беа дојдени за боледување.

-Апсолутно има што доаѓаат за оваа намена. Ние сме спремни ќе отвориме и втора смена за да одговориме на задачите, рече проф. Докиќ.

Министерот за здравство во неколку наврати потенцираше дека може да има пролонгирање на рокот за враќање на работа за оние хронично болни кои до 23 септември нема да можат да закажат преглед кај специјалист.