Македонија
30. May 2023 - 16:34

Комисијата за ревизија на позитивната листа на лекови ќе биде платена и следната недела ќе го почне процесот на ревизија

Во тек е формирање на Комисијата која ќе одлучи кои нови лекови ќе се најдат на позитивната листа. Од Министерството за здравство велат членовите ќе бидат познати деновиве и истите ќе бидат дополнително платени за овој ангажман, што не беше пракса досега. Колку ќе бидат ажурни ќе биде познато наредната недела кога треба да имаат состаноци со фармацевтски компании.

-Мислам за една недела ќе бидат повикани групи на интерес и компании да аплицираат, за еднаш за секогаш тие иновативни и нови лекови да им бидат достапни на пациентите за да имаме здраво население, вели Фатмир Меџити, министер за здравство.

Додека законите велат медицина базирана на докази, таа во македонското здравство ја применуваат со стара терапија. Многу ќе биде полесно кога новите лекови ќе бидат достапни на рецепт велат матичните.

-Доколку на пациентот му требаат три кутии од и не така ефикасен фондовски лек, вие имате лек посовремене и со само една кутија ќе ги решите проблемите на пациентот, вели д-р Анкица Станоевска, матичен лекар.

На претходникот на Меџити му требаше една година за донесување на правилникот кој ги утврдува критериумите, а позитивната листа повеќе од 15 години не е ревидирана и има лекови кои веќе не ги произведуваат во светот.