Македонија
9. August 2020 - 16:42

Комисијата за заразни болести и МОН утре ќе одлучат за реализацијата на учебната година

Комисијата за заразни болести и министерството за образование утре ќе прецизираат како ќе изгледа новата учебна година и во какви услови ќе има настава. Според информации на Сител епидемиолозите се со став децата да се вратат во клупите, но во секое училиште да биде различно. Лекари кои се членови на  комисијата се категорични, онаму каде има помал број на ученици да има редовна настава, а во класовите со повеќе деца да има сменско работење со скратени часови или комбинирана настава, прво една група да оди на училиште, а другите да учат онлајн и обратно. Последниот збор треба да го каже министерството за образование од каде рекоа дека ќе се изјаснат до 10 август. Во меѓувреме родителите кои ги анкетираше Сител се со поделени мислења, но сите се во очекување на конечната одлука.

-Анкета – Имам внука трето одделение и едвај чека да се врати во училиште, вели скопјанец. Наставничка по математика пак смета дека децата и наставниците треба да се вратат на училиште. Основец изјави дека подобро му е да учи од дома, додека татко на прваче вели дека за безбедноста на децата подобро е да има онлајн настава.

Додека се чека одлуката на образование, се поизвесно е дека доколу се вратат на училиште децата ќе седат сами во клупа, а маските ќе бидат составен дел од наставата. Според епидемиологот Александар Стојанов статистички децата до 10 годишна возраст помалку заболуваат, но се преносители на вирусот и затоа треба да бидат заштитени.

Статистички многу малку околу 2-3 проценти од децата на таа возраст заболуваат, а повеќе пренесуваат и ризикот е вирусот да го донесат дома на нивните родители или други членови на семејството и затоа не е на одмет да носат маски, но колку може ад издржат со маските на лицето, затоа можеби ќе се скратат часовите или пак ќе се обезбедат поголеми количини на маски, изјави за Сител епидемиологот прим. д-р Александар Стојанов, директор на ЦЈЗ Скопје и член на Комисијата за заразни болести.

Покрај за отворање на училиштата, се чека зелено светло и за отпочнување со  работа и на градинките. За нив во вторник ќе се прецизирааат деталите на состанокот на Комисијата за заразни болести. Иако протоколи за воспитно образовните установи  има уште од крајот на мај, а пред 10 дена согласност дадоа и лекарите од Комисијата најверојатно и градинките ќе старуваат заедно со училиштата од септември.