Македонија
8. March 2021 - 12:17

Координаторите на ВМРО-ДПМНЕ и АА и Алтернатива се вратија на редовните средби со Џафери

Во Собранието на Република Северна Македонија се очекува утре да се одржи продолжението на 34. седница, а нова седница ќе биде закажаа на 23 март. Ова е дел од договореното на денешната редовна понеделничка средба на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Собранието Талат Џафери, на која првпат по неколку месеци беа и координаторите на пратеничките групи на опозициските ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и на Алијанса на Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи.

Мицевски за МИА потврди дека тие присуствувале на координацијата откако претседателот на Собранието Џафери на минатата седница го повлекол од дневен ред предлогот за онлајн вклучување на пратеници поради Ковид-19 или во изолација.

Според информациите од Собранието, утре е договорено да продолжи 34. седница и да се гласа за веќе завршените точки на дневен ред, како и за оние за кои ќе помине дебатата, како што најави Џафери минатата недела. На денешниот координативен состанок не било соопштено дали има пратеници со Ковид или најавиле отсуство, сепак се остава простор и за такво нешто имајќи ја предвид состојбата со пандемијата. Собранието неделава и во деновите потоа треба да ги продолжи и заостанатите седници, а паралалено веќе се закажани седници на собраниски комисии.

Интерпелациите на министрите што треба да се одржат на барање на опозициските партии најверојатно ќе бидат на дневен ред на седница што би требало да биде закажана за 23 март, но датумите за дебата ќе треба да се договорат вообичаено со министрите. Барања за отповикување има поднесено за министрите за права и за внатрешни работи Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски, како и за вицепремиерот Љупчо Николовски. На оваа седница на дневен ред ќе бидат ставени и сите други закони за кои што ќе се исполнат услови.

На редовните координативни средби со Собранието предвидено е да присуствуваат претседателот и потпретседателите на Парламентот, координаторите на пратеничките групи, како и генералниот секретар или други вработени од собраниските служби.