Македонија
5. April 2020 - 14:32

Корона кризата удри по земјоделието, први на удар производителите на зелка

Договорената откупна цена на пролетната зелка не се почитува, реагираат рано градинарите од струмичкото село Куклиш. Наместо 15 денари како што било договорено пред неколку дена на средбата со министерот и откупувачите,  од вчера таа е 10 денари за килограм. Производителите од Куклиш велат дека ситуацијата била иста не само кај нив туку и во  целиот регион.  Според нив, моменталната цена  не е  доволна за покривање ниту на производствените трошоци кои изнесувале 12 до 13 денари.  За оваа состојба веќе го известиле и ресорното министерство од каде бараат соодветно да реагираат.

,, Се среќаваме со потешкотии и нерегуларности со пласманот и  со цената на нашите рано градинарски култури како што во моментот е пролетната зелка. Поголем дел од нашите производи се извезуваат директно од откупните центри кои моментално се наоѓаат во нашите населени места.Дел  од нив не ја собираат пролетната зелка,  а дел од нив ја откупуваат за 10 денари по килограм што  е 5 денари по малку од  цената која беше  од министерството за земјоделие и требаше да трае  до 20 април. Ние го повикуваме министерот и заменик министерот да преземат мерки во најбрз можен рок. ,, вели ВАСЕ ПАНОВ – ПРОИЗВОДИТЕЛ НА ЗЕЛКА од Куклиш

Сител контактираше со повеќе откупувачи од регионот кои во моментов работат со пролетната зелка. Од таму потврдија дека цената е намалена и тоа пред се како резултат на моменталната состојба на пазарот и значително помалата побарувачка. Поради пандемијата со корона вирусот најголемиот дел од државите во кои традиционално се извезуваше оваа култура ги затвориле пазарите. Дополнително на сето ова влијание имало и неединството на трговците. Дел од нив наместо да го почитуваат договорот и на странските партнери да понудат единствена цена тие отишле со нејзино намалување Откупувачите  велат дека ги разбираат производителите, но потенцираат дека и тие немаат пласман поради што дел од нив веќе размислувале и за целосно затворање на откупните пунктови.

Откупната цена на зелката беше договорена пред  пет дена на состанок помеѓу откупувачите и министерот за земјоделие. Според договорот,  до 20 ти април таа требаше да се откупува минимум за 15 денари од килограм.