Македонија
15. January 2022 - 16:54

Ковачевски најавува отворена политика и решавање на проблемите, опозицијата ќе води битка за избори

Борбата со енергетската и здравствената криза и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните ќе бидат фокус во мандатот на новиот кабинет на Ковачевски. Тој во своето експозе денеска пред пратениците најави забрзан економски раст, зголемени плати и пензии и намалена невработеност. Европските интеграции остануваат високо на агендата и на новата Влада а новиот премиер најавува интензивирање на дијалогот со Бугарија без отстапки во делот на идентитетските прашања.

Во своето обраќање пред Собранието Ковачевски во неколку наврати потенцираше дека легитимитетот го црпи од изборите во 2020 година и дека нема намера да влегува во процес на предвремени избори. Упати пораки за обединување и соработка со опозицијата.

За опозицијата во новата влада нема ништо ново. Сметаат дека по поразот на локалните избори СДСМ веќе нема легитимитет да ја води државата и побараа брзи предвремени избори најавувајќи нова динамика на политичката сцена и улични протести.

Пратениците од Власта очекувано констатираа дека во мандатот на Заев направиле многу и најавија повеќе проекти во иднина.

Собраниската дебата ќе продолжи и утре, а гласањето се очекува некаде половина час пред полноќ. За да биде избрана на Владата на Ковачевски и треба поддршка од 61 пратеник.