Македонија
24. October 2020 - 16:35

Ковид кризата ги стави занаетчиите на ,,респиратор‘‘

Чаршијата на респиратор. Повеќе шетачи отколку купувачи. Пандемијата и затворените граници си го направија своето... ги нема странците од кои живееја дуќанџиите. Велат, среќни се ако успеат да ги подмират основните трошоци за кирија и струја.

Аднан Али, веќе 25 години лебот го вади од дуќанот во чаршијата. Годинава, вели, имало денови кога не успевал да направи ниту сефте.

-Не чини, штом нема туристи чаршијата е готова. Седми месец имаше малку работа и веќе нема. Гледаш, уште саат време има движење. После, оди си дома слободно, вели занатчетијата Аднан Али.

Дел од занаетчиите ги затвориле дуќаните, дел ги бројат деновите кога ќе стават клуч на вратата. Ситуацијата ги погоди сите, занаетчии, препоравачи, златари, ресторани...

Фејзулаи Неџип, пак, 63 години е тука. Бил и инфициран од вирусот ковид-19, но не се плаши бидејќи мора да се работи. Вели, имало лоши периоди, но сега ситуацијата е алармантна.

-Сега економијата е многу лоша со ова коронава. Затворањето ни донесе штета на цел на свет, не само на нас. Спас од оваа корона е само дисциплина, вели Неџип.

И крзнарот чичко Јован вели дека до денеска преживеале, но како ќе биде понатаму не знае да каже. Неговата заработка е сезонска, но ни сезоната не може да ја помине ако нема туристи.

-Многу тешко за трошоците. Дури и придонесите и давачките, киријата, струјата и одновните средства кои се околу 30-тина илјади – 40, да не можеш да ги покриеш, тоа е нешто невидено за овие години во нашето работење, вели крзнарот Јован.

Ако во нормални услови во сабота на сончев ден во чаршијата беше тешко и да се разминете. Денеска дури се кафулињата се полупразни.