Македонија
24. September 2020 - 21:18

Крастев: Заканите од Каракачанов се реални – целта е да проработи комисијата

Бугарија не отстапува од заканите за блокада на пристапните преговори. Не сме против, но не е време за одржување на меѓувладина конференција. Пораката од име на бугарската влада ја упати министерот Каракачанов, обвинувајќи дека Македонија не го почитува Договорот за добрососедство.

“Тие замислуваат дека некој во Брисел ќе ја притисне Бугарија и ние ќе клекнеме, но очигледно, не разбраа како работи ЕУ”, ќе изјави Каракачанов, упатувајќи по втор пат директна закана до македонските власти.

Бугарскиот аналитичар Николај Крастев вели дека заканата не е неостварлива, но доколку се реализира, многу ќе наштети на односите меѓу двете земји.   

“Мислам дека ќе биде грешка ако БГ ја блокира МК на патот кон ЕУ. Јас не би можел да замислам дека БГ може да биде каква и да било пречка за Скопје на евроинтегративниот пат. Според мене, тоа би било грешка и ќе се одрази на идните односи меѓу Софија и Скопје”

Крастев е оптимист и верува дека решение за отворените прашања ќе биде најдено. Смета дека позади реториката на бугарскиот министер за кријат други намери.   

“Јас сметам дека сепак нема да дојде до блокирање на преговорите меѓу ЕУ и МК поради БГ. Мислам дека БГ прави обид да го натера Скопје да проработи историската комисија”

Крастев вели дека не ги разбира аргументите на бугарската влада. Договорот за добрососедство требаше да се темели на економија, а не на историја, смета аналитичарот.

“Ние загубивме три години од 2017 во името на тоа да преговараме за историјата. Никој не вика дека историјата не е важна. Таа е важна, никој не го оспорува нејзиното значење. Но можевме за сето ова време, според Договорот, да работиме на економијата, транспортната поврзаност, односно на економските можности”

Историјата да ја оставиме на историчарите, порачува Крастев, дополнувајќи дека односите меѓу Македонија и Бугарија треба да се темелат на практичност и прагматизам.