Македонија
27. August 2019 - 18:04

Крива Паланка со културна програма ќе ги одбележи Успение на Пресвета Богородица и Св. Јоаким Осоговски и

 Културната програма што ќе се реализира во претстојните денови, за време на одбележувањето на верските празници Успение на Пресвета Богородица – 28 Август и патронот на градот, Св.Јоаким Осоговски – 29 август, денеска беше најавена на прес-конференција.
Најавено беше и годинашното издание на фестивалот „Џојфест“, што ќе ја заокружи летната програма за култура.
 
– Досегашната програма од Кривопаланечко културно лето како никогаш досега понуди широк спектар настани, за сечиј вкус, за различни видови аудиториум, а во празничните денови и до крајот на месецот следуваат двата најголеми настана. Утре почнуваме празнувања за Успение на Пресвета Богородица со литургија во црквата „Св. Димитриј“, во осум часот. Потоа од девет часот следува литијата за Св.Јоаким Осоговски, а вечерта, на 28-ми август на градскиот стадион ќе има голема прослава по повод Денот на рударите, изјави градоначалникот на Општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски.
 
Александар Михајловски од Организацискиот одбор на „Џојфест“ ги најави концертите на хрватската ѕвезда Петар Грашо, што ќе се одржи  на 29-ти август.
 
– На денот на патронот на градот, концертот на Петар Грашо ќе ги развесели жителите на Крива Паланка и сите гости и посетители што се очекува да пристигнат во следните два дена. Предгрупа ќе биде „Камелеон“ од Охрид. Концертот почнува во 20 часот, додека на 31 август, в сабота, е закажан „Џојфест“, културна детоксикација на граѓаните. Главна ѕвезда на вечерта ќе биде Влатко Стефановски, а дополнително ќе настапат Тони Зен, Ки, Флека, Сајгон и Три оф ас, изјави Михајловски.
 
Директорот на Градскиот музеј Крива Паланка Драган Величковски ги покани сите граѓани и туристи да ги посетат манифестациите што ги организира општината во соработка со локалните институции од областа на културата и со поддршка од Министерството за култура и генералниот спонзор „Минстрој- Булмак“.
 
За сите љубители на музиката, Влатко Стефановски ќе одржи мастер клас по гитара, на 31 август.  Организаторите на „Џојфест“ ги повикаа сите заинтересирани да се пријават.