Македонија
28. March 2025 - 16:36

Крива Река загадена со цијанид и олово – општината ќе бара кривична одговорност

Десеткратно поголемо присуство на штетни метали во Крива Река што е опасно по животот на граѓаните, алармираше градоначаникот на Крива Паланка. По хаваријата во “Тораница” пред две недели, во водата има олово, цијанид, арсен а според локалните власти загадена е и почвата што претставува дополнителна закана. Општината ќе бара кривича одговорност од компанијата што стопанисува со рудникот.

- Според ова лабораториско истражување од акредитирана лабораторија, концентрацијата на олово е за десет пати повеќе. Дополнително за неколку стотици пати е зголемена и концентрацијата на цијанид, и фосфор во Крива Река. Во ризик е и стоката која исто така се напојува од овие реки и со тоа индиректно е загрозено здравјето на граѓаните што ги користат земјоделските и сточни производи, вели Сашко Митовски, градоначалник на Крива Река. 

Градоначалникот на Крива Паланка кажа дека мострите што ги зеле од реката ден по хаваријата ги провериле во акредитирана лабораторија а го обвини Државниот инспекторат за животна средина дека не реагирале навреме и не постапиле законски. 

Од Инспекторатот, пак, денеска со соопштение дека компанијата која стпанисува со црудникот е казнета со 200 000 евра поради прекршок од трета категорија. 

- По извршен вонреден инспекциски надзор на ден 24.03.2025 година, од страна на Државниот инспекторат за животна средина, утврдено е дека од страна на БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка согласно член 212-ж став (1) точка 16 и став (2) од Законот за животна средина е сторен прекршок од трета категорија при што гореименуваниот сторител е согласен за поведување на постапка за спогодување согласно Законот за животна средина пред Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање.

Денеска се огласија и од О2 Иницијатива кои велат дека се придружуваат кон барањето на градоначалникот на Крива Паланка за кривична одговорност. 

– Бараме обвинителството да отвори истрага за случајот, а Инспекциски совет и Министерство за животна средина да го испита делувањето на инспекторите. Со оглед дека ова е трето прекршување, бараме Министерството да ја одземе А интегрираната еколошка дозвола на Булмак 2016, пишува во соопштението на О2 иницијатива. 

Градоначалникот на Крива Паланка кажа дека прават анализи и за водата за пиење во општината.