Балкан
2. October 2023 - 10:27

Курти: Терористичкиот напад е дел од поширок план за анексија на северот на Косово

Косовскиот премиер Албин Курти денеска соопшти дека косовската полиција потврдила дека „терористичкиот напад“ во Бањска, општина Звечан, бил дел од поширок план за анексија на северот на Косово, јавува Анадолија.

„Врз основа на одземените документи, косовската полиција потврди дека терористичкиот напад бил дел од поширок план за анексија на северот на Косово преку координиран напад на 37 различни позиции.

Би следело формирање коридор кон Србија, за да се овозможи снабдување со оружје и војници“ напиша Курти на X (Твитер).

Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља денеска на прес-конференција изјави дека целта на „терористичкиот напад на Србија“ во Бањска е анексија на северот на Косово, пренесоа косовските медиуми.

Според него, подготовките за нападот биле направени во Србија и дека тоа може да се види од беспилотните летала запленети од групата.

Во нападот на група Срби на 24 септември, предводена од потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, беше убиен косовски полицаец, а потоа косовската полиција во, како што рече, „антитерористичка операција“ ликвидираше четворица напаѓачи и уапси уште шестмина.